Федералната унија на европските националности (ФУЕН) на 62. Конгрес кој денеска завршува во романскиот град Клуј-Напока, едногласно, усвои посебна Резолуција за правата на етничките Македонци во Република Албанија,која ќе биде доставена до Владата на Република Албанија и до сите релевантни меѓународните институции.
– Го имаме задоволство да објавиме дека со Резолуција од седум точки се бара: Владата на Република Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба на Советот на Европа „за регионални и малцински јазици“. Да го признае македонското национално малцинство во Голо Брдо, Гора и на цела територија на Република Албанија. Државната телевизија (ТВШ) да емитува програма на македонски јазик. Настава на мајчин македонски јазик во државните училишта во областите Голо Брдо и Гора како и во цела територија на Република Албанија каде има значителен број на македонско национално малцинство. Во сите општини каде има повеќе од 20 проценти македонско национално малцинство, покрај албанскиот, официјален јазик да е и македонскиот. Владата да гарантира правото на користењето на мајчиниот јазик на македонското национално малцинство и да обезбеди финансиска поддршка од Министерството за култура за културни и образовани активности- изјави Никола Ѓургај.
Македонците од Албанија добија поддршка и за барањата, да се вратат укинатите три општини во Голо Брдо и Гора.
На Конгресот присуствуваат претставници на 50 асоцијации 300 делегати на повеќе од триесет малцинства од 30 земји во Европа, а го следеа педесетина новинарски екипи.