Култура Францускиот филм „Татко“, победник на годинешниот „Анимакс-фест Скопје“

Францускиот филм „Татко“, победник на годинешниот „Анимакс-фест Скопје“

Францускиот анимиран филм „Татко“ (Father) на Сантјаго Бу Грасо ја освои првата награда „Златна тула“, на четвртото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс-фест Скопје“, што се одржуваше од 4 до 6 декември во Кинотека на Македонија.

На вечаршбото затворањето на фестивалот беа доделени и останатите награди. „Сребрена тула“ му припадна на „Човек на столчето“ (Man on the chair) во француско-јужнокорејска продукција, а третата награда „Бронзена тула“ ја доби филмот „Кастиљо и наоружаниот“(Castillo Y El Armado) од Бразил.

Наградите ги додели жири-комисијата, чии членови беа м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска од Кинотека на Македонија, Андреј Рубетској од Русија – режисер, аниматор, сликар и сценарист, Дорис Бауер од Австрија – кодиректор на филмскиот фестивал за краток филм „Еспресофилм“ и главен куратор на меѓународната програма за фикција и документаристика при „Виена индепендентс шортс“ (VIS Vienna Independent Shorts) и Диме Ратајкоски – главен и одговорен уредник на МРТ и автор на повеќе од 50 документарни емисии, филмови и репортажи. Наградите „Златна тула“ и „Сребрена тула“ ги подигна Бранко Чобанов од Францускиот институт во Македонија.

За најдобар филм за деца, пак, беше прогласен „Семејството вселенски кучиња“ (Space Dog Family), а наградата ја прими гостинот од Русија, Андреј Рубетској, кој е дел од тој проект. За него гласаа дечињата во трите фестивалски денови.

Оваа година мото на фестивалот е „Ако сите светат, ти блескај“. На 4. „Анимакс-фест Скопје“ беа прикажани 52 филмови, од кои 44 за возрасни и осум за деца. Се пријавија рекордни 326 анимации од 52 земји во светот, а селектор на програмата беше Благоја Куновски Доре.

„Анимакс-фест Скопје“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар „Тинтири-минтири“ од Скопје, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и од Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.