Свет Европа Француската влада ќе бара продолжување на вонредната состојба

Француската влада ќе бара продолжување на вонредната состојба

Француската влада од парламентот ќе бара второ продолжување на вонредната состојба, воведена по терористичкиот напад во Париз во ноември минатата година, изјави францускиот премиер Мануел Валс.

Обраќајќи им се на пратениците, Валс рече дека поддршката која Франција ѝ ја дава на коалицијата во борбата против Исламска држава во Ирак и во Сирија значи дека не смее да се игнорира опасноста од нови напади.

– Заради тоа ќе предложиме продолжување на вонредната состојба – додаде Валс.

Вонредната состојба е продолжена првпат на шест месеци во јули оваа година. Валс не прецизираше на колкав временски период владата ќе бара продолжување.

Франција минатиот викенд одбележа годишнина од терористичкиот напад на Париз, во кој загинаа повеќе од 130 луѓе.

Францускиот премиер тогаш предупреди дека опасноста од тероризмот не поминала.

– Тероризмот повторно ќе нè погоди, но ќе победиме – порача Валс.

Во Франција следната година во периодот од април до јуни ќе се одржат претседателски и парламентарни избори.