Подглавна секција Франспрес: Британски брод погоден од ракетен оган во Црвеното Море

Франспрес: Британски брод погоден од ракетен оган во Црвеното Море

Неименуваниот брод кој пловел под знамето на Бахамите бил „погоден од ракета“ додека пловел на југ на околу 35 наутички милји од западниот брег на Јемен, соопшти поморската безбедносна компанија Амбри

Поглед на Црвеното Море | Фото: Единица за наука и далечинско мерење на Земјата, вселенски центар Линдон Б. Џонсон (Earth Science and Remote Sensing Unit, Lyndon B. Johnson Space Center), Јавен домејн, Викимедија комонс

Британски брод кој минувал низ Црвеното Море, наводно, бил погоден од ракетен оган, соопшти денеска поморска безбедносна група со седиште во Велика Британија, а друга агенција известува за можна активност на беспилотни летала во областа, објави Агенцијата Франспрес.

Неименуваниот брод кој пловел под знамето на Бахамите бил „погоден од ракета“ додека пловел на југ на околу 35 наутички милји од западниот брег на Јемен, соопшти поморската безбедносна компанија Амбри, цитирајќи извештаи.

„Погодениот брод испраќаше повици за помош во врска со пиратски/ракетен напад“, додаде компанијата со седиште во Велика Британија.

Агенцијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (УКМТО), управувана од британската кралска морнарица, соопшти дека примила „извештај за активноста на системи без екипаж (UAS), вклучувајќи потенцијална експлозија… која потекнува од правец на Јемен“.

Тие ги советуваа членовите на екипажите на бродовите во областа да бидат внимателни.

Пријавениот инцидент доаѓа во време на зголемени тензии во Црвеното Море и околните води откако бунтовниците Хути, поддржани од Иран, минатиот месец запленија товарен брод поврзан со Израел, Галакси Лидер.

Во рок од неколку дена беа лансирани две балистички ракети од област контролирана од бунтовниците Хути во Јемен, кои прелетаа на околу 10 наутички милји од американскиот разурнувач УСС Мејсон, според Пентагон.

Зголемувањето на поморските инциденти ги поттикна министрите за надворешни работи на Г7 на состанокот претходно оваа недела да ги повикаат бунтовниците да престанат со заканите за меѓународниот превоз и да го ослободат Галакси Лидер.