Економија Формиран македонско-полски бизнис-клуб за подобра трговска соработка

Формиран македонско-полски бизнис-клуб за подобра трговска соработка

Македонско-полски бизнис-клуб сe формираше во Стопанската комора за унапредување на надворешна трговска соработка помеѓу Македонија и Полска, а во насока на развивање на трговските контакти и на извозно-увозните можности.

Ова тело ќе стави акцент на остварување директни контакти меѓу македонските и полските компании, за воспоставување поблиски бизнис-релации, кои би придонеле за унапредување на билатералната трговска размена.

За претседател на Македонско-полскиот бизнис-клуб е избран генералниот директор на „Раде Кончар ТЕП“, Горан Антевски.

Тој го пренесе позитивното искуство во работењето со Полска и тоа дека неговата компанија веќе 10 години успешно соработува со полски компании, кои се високо софистицирани и успешни не само во Полска, туку и во другите земјите во Европа. Поради ова позитивно искуство, ги повика компаниите за заедничко учество на македонските и на полските компании за користење на ЕУ-фондовите.

Полска претставува еден од најбрзорастечките пазари во Централна Европа, во која се наоѓаат 40 проценти од 500 најголеми компании во Централна Европа.

Во периодот јануари-септември 2015 година, трговската размена меѓу двете држави изнесува 88,13 милиони долари, но е намалена за 3,11 проценти во однос на истиот период од претходната година.

Извозот e 20,4 милиони долари и е зголемен за 30,94 проценти, а увозот е 68,08 милиони долари и бележи намалување од 10 проецнти. Остварен е негативен трговски биланс од 48,04 милиони долари.

Во овој период од 2015 година, Полска е 22. трговски партнер на Македонија.