Македонија Фонтана и релјефен столб ќе се градат на плоштадот ВМРО

Фонтана и релјефен столб ќе се градат на плоштадот ВМРО

Целата композиција ќе чини 1.376.916 евра, а парите ќе се обезбедат од буџетот на Градот

На плоштадот ВМРО, пред седиштетото на владејачката партија, ќе се издигне столб со релјефи на кои ќе бидат прикажани ликови и настани што се значајни за Внатрешната македонска револуционерна организација. Столбот ќе се наоѓа на средина од планираната фонтана, а на врвот ќе биде поставена фигура. Одлуката за изградбата на фонтаната ќе се најде пред советниците на Градот на наредната седница, во вторник.

Во предлог-одлуката пишува дека спомен-обележјето е релјефно дело кое ќе биде изработено од мермер.

„Со историската веродојност и со естетски презентираниот израз, композицијата на фонтаната-столб треба да остава впечаток кај секој посетител на плоштадот. На врвот на столбот може да се постави декоративен елемент – фигура“, стои во предлог-одлуката доставена до градските советници.

Спомен-обележјето ќе се подигне во рок од 12 месеци, откако одлуката ќе биде изгласана. Целата композиција ќе чини 1.376.916 евра, а парите ќе се обезбедат од буџетот на Град Скопје.

Изградбата на фонтаната со придружните елементи е предвидена во деталниот урбанистички план за Мал ринг, усвоен од советниците на Општина Центар во декември 2012 година.