Свет Европа Финска ќе сместува бегалци во шатори и во бродски контејнери

Финска ќе сместува бегалци во шатори и во бродски контејнери

Финска се подготвува да ги смести барателите на азил во шатори и во бродски контејнери како што се засилува бранот бегалци, соопшти денеска финското министерство за внатрешни работи.

Финска во октомври прими околу 7.000 бегалци, но само минатата недела стигнале повеќе од 2.000 баратели на азил.
„Без разлика на новите центри за прифаќање бегалци, тоа нема да биде доволно и властите се подготвуваат да употребат шатори и бродски контејнери“, се наведува во соопштението.

Финска неодамна ја прекина обработката на барањата за азил од Авганистан поради безбедносни причини, но ги заостри критериумите за Ирачаните и за Сомалијците за добивање азил врз основа на процената дека безбедносната ситуација во земјите се подобрила.

Соседна Шведска, која годинава очекува 190.000 баратели на азил, минатата недела предупреди дека веќе не може да гарантира сместување на нови бегалци и побара итна помош од ЕУ.