Дописници Филипче: Се бара локација за изградба на новата болница во Струга

Филипче: Се бара локација за изградба на новата болница во Струга

Пациентите од Струга и регионов, како и здравствените работници од струшката болница бараат нов објект. Болницата постои повеќе од пет децении и е со голем број инфраструктурни проблеми.

Болницата во Струга опслужува повеќе од 150.000 пациенти годишно и во неа се лекуваат и пациенти од други градови но и од соседна Албанија.

„Навистина одличен кадар работи во струшката болница во повеќе специјалности, но многу е лоша инфраструктурата. Разговаравме во неколку наврати дали вреди да се направи некаква реконструкција, меѓутоа нема да постигнеме ништо и затоа интензивно работевме со градоначалникот Мерко на идентификување на локација за новата болница“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Во однос на финансирањето рече дека има две опции, јавно-приватно партнерство и финансии од Светска банка и класично задолжување.

Во моментот во болницата работат речиси 300 вработени, од кои 46 се лекари-специјалисти, а 18 доктори по медицина. Сепак моменталниот кадар не ги задоволува потребите за толкав голем број пациенти, оти се соочуваат со дефицит. Во стратешкиот план од 2018 до 2022 биле побарани од Министерството за здравство нови вработувања, а биле одобрени и 20 специјализации.