Македонија Филипче: Докажавме дека здравствениот систем има знаење за справување со пандемијата

Филипче: Докажавме дека здравствениот систем има знаење за справување со пандемијата

Архивска фотографија, Венко Филипче по средбата на Советот за безбедност кон крајот на октомври | Автор: Арбнора Мемети

Здравствениот ситем покажал знаење и искуство да се носи со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја, а здравствените работници заслужуваат почит и благодарност. Ова го посочи министерот за здравство Венко Филипче во видео порака по повод една година од првиот регистриран ковид-19 случај во земјата.

„Во изминатата година докажавме и покажавме дека здравствениот систем има сили, знаење и искуство да се справи со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја на светот. Здравствените работници кои беа на првата линија на борбата против вирусот покажаа истрајност, професионалност и патриотизам на највисоко ниво и токму поради тоа, ја заслужуваат целата почит и благодарност“, изјави Филипче, по повод една година од првиот регистриран случај на ковид-19 во земјава.

Тој порача дека набавката на вакцините е најголем предизвик за сите земји во светот и дека околу 130 земји сѐ уште го немаат почнато процесот на имунизација. Но, Филипче посочи дека се даваат максимални напори да се обезбедат вакцини и убеден е дека многу брзо ќе започне масовната вакцинација.

„Како Влада даваме максимални напори да обезбедиме вакцини што поскоро и доволно за сите граѓани, за што барам трпение и разбирање од сите. Набавката на вакцините во моментов е главен предизвик за сите држави во светот, а 130 земји сеуште немаат започнато со вакцинација. Ние успеавме да ја почнеме вакцинацијата на здравствените работници, а многу брзо ќе ја почнеме и вакцинацијата на сите граѓани“ , посочи Филипче.