Македонија Филипче: Амди Бајрам имаше многу хронични болести

Филипче: Амди Бајрам имаше многу хронични болести

Министерот за здравство Венко Филипче денеска при при посетата на Струмица рече дека долгогодишниот пратеник и претседател на партијата Сојуз на Роми, Амди Бајрам, кој почина утрово в болница, имал комплексна здравствена состојба, со многу други хронични болести.

На новинарското прашање во однос на тоа дали смртта има некаква поврзаност со свадбата на внуката на Бајрам што се одржа во Турција, односно дали на неа Бајрам се заразил со корона вирусот, Филипче одговори дека сѐ уште нема подетални информации за тоа.

– Тој имаше навистина комплексна здравствена состојба со многу други хронични болести, меѓутоа во однос на она што денеска се случува навистина немам други информации – изјави Филипче.

Инаку, сочувство за смртта на Амди Бајрам, во свое име и во име на пратеници изрази претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Господинот Амди Бајрам како долгогодишен пратеник и претставник на ромската заедница во Република Северна Македонија учествуваше во носењето на голем број значајни и стратешки одлуки за земјата. Тој беше достоен претставник на својата етничка заедница и направи голем број на работи за нивното општествено напредување. Со својата реторика и позитивен дух се истакнуваше од сите колеги пратеници и ќе остане секогаш запаметен“, истакна Џафери.