Спорт Федерер го предаде мечот, титулата во Лондон за Ѓоковиќ

Федерер го предаде мечот, титулата во Лондон за Ѓоковиќ

Рожер Федерер и се извини на публиката што го откажа финалето

Новак Ѓоковиќ го освои Мастерс-купот во Лондон откако Рожер Федерер, поради болка во грбот, реши да не настапи на финалето и го предаде мечот. Швајцарецот излезе пред публиката и се извини што ги разочара, но истакна дека тој и неговиот тим донеле одлука дека е преголем ризик тој да настапи во финалето.

– За жал, не сум подготвен да го играм мечот денеска. Не сакав да е вака. Цела година се обидуваш да бидеш подготвен за АТП-финалето и не сакаш ваков крај. Направив сè што можам во саботата и во неделата, лекови против болка, одмор, но не можам да се натпреварувам на ова ниво со Новак. Во вакво финале и со моите години ќе биде преризично. Се надевам дека разбирате – изјави Федерер.

Организаторите потоа соопштија дека ќе се игра егзибициски меч меѓу Ѓоковиќ и Енди Мареј, кој Британецот го загуби со 8:5 во гемови.

Прворангираниот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, изјави дека нема да ја слави оваа победа затоа што тој сакал да игра против Федерер, но дека дека освоениот пехар во Лондон е заслужен по тешката година.