Дописници Фатени рибокрадци на албанската страна на Охридско Езеро

Фатени рибокрадци на албанската страна на Охридско Езеро

Рибокрадци недозволено ловеле пастрмка од албанската страна на Охридско Езеро. Биле затекнати вчера попладне во заедничка и координирана контрола, извршена од овластени лица на охридската подрачна единица на Државниот инспекторат за земјоделство и полициски службеници.

Во Охридско Езеро во близина на македонско-албанската граница затекнат е недозволен риболовен алат за лов на охридска пастрмка, претходно поставен од рибари од Република Албанија.

Од водите на Охридското Езеро при надзорот извадени се околу 300 метри рибарски мрежи поставени за лов на охридска пастрмка, со димензии на окца од 22 до 24 милиметри (од јазол до јазол). Во мрежите затекнати се 20 парчиња од 150 грама охридска пастрмка, односно вкупно три килограми.

Одземениот риболовен алат е недозволено риболовно средство во согласност со правилникот за дозволени риболовни средства при вршење стопански и рекреативен риболов, додека одземените парчиња охридска пастрмка се со димензии помали од дозволените големини според правилникот за големината на рибите под која не смеат да се ловат за стопански и за рекреативен риболов.

Во изминатите осум месеци од 2015 година, на риболовното подрачје во Охридско Езеро, откриени се за 43 отсто повеќе прекршители на Законот за рибарство и аквакултура во споредба со изминатата 2014 година.