Македонија Фатени предизвикувачите на труење во „Арсени Јовков“, Адеми апелира на поголема безбедност

Фатени предизвикувачите на труење во „Арсени Јовков“, Адеми апелира на поголема безбедност

Три лица на возраст од 16 до 20 години се одговорни за прскање со непознат спреј во училница во средното училиште „Арсени Јовков“, по што 13 ученици и еден наставник беа хоспитализирани.

Лицата се товарат за предизвикување општа опасност и по целосното заокружување на истрагата, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, соопшти портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Според него, две од лицата се ученици во „Арсени Јовков“, а едно минатата година завршило во ова училиште.

– Сè уште се работи на целосно документиранње на случајот. Според досегашните сознанија, трите лица дошле до т.н. пепер-спреј, со кој најпрвин се прскале меѓу себе, а потоа го употребувале и во ходниците и во просториите на училиштето – рече Котевски.

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, е задоволен што полицијата бргу ги открила сторителите и апелираше до директорите овој случај да им биде поука за повисоко ниво на безбедност во училиштата.

– Апелирам до сите директори на основни и на средни училишта во Македонија повеќе да работат и со родителите, и со наставниците, и со учениците, но и со лицата што ги имаат ангажирано за обезбедување на училиштата – изјави Адеми.