Хроника Фатени осум илегални мигранти од Сирија

Фатени осум илегални мигранти од Сирија

Полициски службеници од Полициската станица за гранична патрола и гранична надлежност – Богородица, вчера во 22 часот, на клучката во село Смоквица, забележале лице како товари мигранти во патничко моторно возило „бе-ем-ве“ со скопски регистерски ознаки и се упатува кон селото Удово.

Полицијата се обидела да го запре возилото, но возачот ја зголемил брзината и се упатил кон Демир Капија. Поради оштетување на гума, возилото застанало во близина на селото Градец, по што сите лица избегале.

Полицијата го пребарала теренот, при што биле пронајдени осум илегални мигранти од Сирија, кои во 1 часот се приведени во Полициската станица. Со лицата извршен е разговор во кој изјавиле дека им се изгубило седумгодишно девојче, заедно со нејзиниот татко, кои биле со нив.

Полициски службеници пристапиле кон пребарување на поширокиот терен за пронаоѓање на девојчето и на нејзиниот татко. Полициските службеници цела вечер го пребарувале теренот, а потрагата продолжила и во текот на денешниот ден, па околу 10.30 часот се пронајдени. Во текот на денот, сите пронајдени мигранти ќе бидат сместени во Прифатниот центар за странци во Скопје.