Свет Европа Европскиот парламент го поддржа планот на Јункер

Европскиот парламент го поддржа планот на Јункер

Пратениците од Европскиот парламент денеска со големо мнозинство гласови го поддржаа планот за задолжително прифаќање бегалци, кој вчера го претстави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

За револуционерната поддршка на планот на Јункер гласале 432 пратеници, 142 беа против, а 57 воздржани.

Пратениците бараат високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, што побргу да свика меѓународна конференција за бегалската криза, за што поголем број земји да се вклучат во нејзиното решавање.

Планот на Јункер предвидува распределување на околу 160.000 бегалци, кои во моментов се наоѓаат на територијата на Грција, Италија и на Унгарија, во други членки на ЕУ, за товарот за прифаќање бегалци рамноправно да се распредели.

Секоја од земјите-членки има одредена квота бегалци која мора да ја прими, пресметана врз основа на големина, населеност, состојбата на економијата и бројот на досега примени бегалци во земјата-домаќин.

Доколку планот биде поддржан и од земјите-членки на ЕУ, чии претставници допрва треба да се изјаснат, прифаќањето бегалци ќе биде задолжително за сите.