Македонија „ЕУ за тебе“ утре во Охрид

„ЕУ за тебе“ утре во Охрид

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, утре ќе го посети Охрид како дел од кампањата „ЕУ за тебе“.

Жбогар во Охрид ќе се сретне со градоначалникот, Никола Бакрачески, и ќе се запознае со реализацијата на проектот „Ватер нет“ (Water.net), финансиран од ЕУ. Овој проект е помогнат со 210.000 евра преку Програмата за прекугранична соработка со Грција, а неговата цел е да се отворат алтернативни можности за прекугранична соработка меѓу градовите Охрид и Едеса (Воден), познати по Охридското Езеро и по Воденските водопади.

Во центарот на Охрид во рамките на проектот е отворен Еколошки информативен центар, чија цел е да ги промовира убавините и туристичките производи на Охридскиот Регион, а исто така е изграден и дел од пешачката патека кај каналот Студенчишта, додека остатокот од патеката е изграден од Општината. Создадена е и подвижна лабораторија и кујна, како и ботаничка градина.

Кампањата има цел да ја подигне свесноста и да ја информира јавноста за помошта на ЕУ во земјата.