Дописници ЕУ прати порака: Соларни пловила по македонските езера

ЕУ прати порака: Соларни пловила по македонските езера

Во Пустец, седиштето на истоимената општина во Република Албанија, населена со етнички Македонци, вчера пристигна долго очекуваното езерско пловило – соларно бротче, дел од проектот „Зелен брод“ од ИПА-програмата на Европска Унија.

Градоначалникот на општината, Едмонд Темелко, вели дека неговата основна намена е запознавање на убавините во Преспанското Езеро.

Дејан Паноски од Билатеријалниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро вели дека ЕУ, всушност, со ова праќа порака за тоа какви пловни објекти треба да крстосуваат по македонските езера.

– Ова се бротчиња што служат за туристички, а не за научни цели, во смисла на испитувања. Целта е да се покаже какви, всушност, пловила се потребни за нашите езера. Имавме идеја и за Охрид да донесеме, меѓутоа Преспа доби предност.
Тоа, всушност, си го сработија општините, во рамките на ИПА-програмата, што треба и за други општини да биде патоказ и пример – додава Паноски.