Свет Европа ЕУ ќе издвои три милијарди евра помош за бегалците во Турција

ЕУ ќе издвои три милијарди евра помош за бегалците во Турција

Сите 28 земји-членки на ЕУ договорија начин на кој ќе се финансира фондот за помош на сириските бегалци во Турција, во износ од три милијарди евра.

– Европа ја спроведува својата одлука за фондот од три милијарди евра за бегалците во Турција и ќе продолжиме и понатаму да работиме со нашите турски партнери за да постигнеме конкретни резултати – изјави холандскиот премиер Марк Рут.

Договорот ќе овозможи достава на хуманитарна помош за бегалците во Турција, во прв ред храна, а потоа здравствена заштита, образование и услуги.

Фондот е договорен на самитот ЕУ-Турција, одржан на 29 ноември во Брисел.

Од трите милијарди, една милијарда ќе биде обезбедена од европскиот буџет, а две милијарди ќе ги осигураат земјите-членки во согласност со нивниот домашен бруто-приход.

Најголем дел од двете милијарди ќе издвојат Германија, 427,5 милиони евра, Велика Британија – 327,6 милиони, Франција – 309,2 милиони и Италија 224,9 милиони евра.

Договорот на земјите-членки го поздрави и Европската комисија, која својот придонес од 500 милиони евра сега го зголеми на една милијарда евра.