Свет Балкан ЕУ ја осудува изјавата на Рама за обединување на Албанија и на...

ЕУ ја осудува изјавата на Рама за обединување на Албанија и на Косово

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, остро реагираше на интервјуто на албанскиот премиер даден за „ТВ Клан“ во вторникот, во кое тој изјави дека Албанија и Косово еден ден ќе се обединат во рамките на ЕУ.

Во интервјуто за „ТВ Клан“, Еди Рама изјави дека обединувањето на Албанците од Албанија и од Косово, Албанци кои живеат во две албански држави, е неизбежно.

– Дали тоа ќе биде дел од Европската унија, како природен процес кој сите го прифаќаат, или ќе се случи како последица на слепилото или мрзеливоста на ЕУ? Стратегиска Европа прво би побарала Балканот да стане дел од неа, а потоа сите етникуми на Балканот да бидат заедно без да се справуваат со граници – рече албанскиот премиер.

Коцијанчич реагираше дека ваквите ставови се провокативни и неприфатливи, пренесува балканската агенција ДТТ.

– Албанија и Косово имаат јасна европска перспектива, но мораат да ја почитуваат оваа заложба во целосна почит за стандардите и за принципите на ЕУ – изјави Коцијанчич.

Тие заложби, додаде таа, се регионална соработка, помирување и добрососедски односи, а провокативните изјави се неприфатливи.

На изјавата на Рама остро реагираше и српскиот премиер, Александар Вучиќ, чија држава сè уште не ја признава независноста на Косово.

Тој на својот твитер-профил објави дека ваквата изјава може да предизвика дополнителна нестабилност во регионот.