Економија ЕСМ Продажба набави струја наменета за градинки, училишта, универзитети и болници

ЕСМ Продажба набави струја наменета за градинки, училишта, универзитети и болници

Цената по која ЕСМ Продажба ја продава оваа енергија е со маржа, со што се остварува дополнителен приход

Фото: Pexels on Pixabay

ЕСМ Продажба набави електрична енергија за период на испорака од 09 до 16 април, преку склучен индивидуален договор со ХСЕ „Мак Енерџи“ ДООЕЛ Скопје, со договорена моќност од 70 MW, количина 13.440 MWh по цена од 106,4 евра/MWh, соопшти претпријатието.

„ЕСМ Продажба ја набавува оваа електрична енергија за да ги исполни договорените обврски кои ги имаме склучено со основни и средни училишта, градинки, јавни претпријатија за водовод, болници, универзитети и факултети, како и други субјекти од витална важност во државата“, наведено е во соопштението од ЕСМ Продажба.

Цената по која ЕСМ Продажба ја продава оваа енергија е со маржа, со што се остварува дополнителен приход.

„АД ЕСМ од производството од своите капацитети РЕК Битола, РЕК Осломеј, КОГЕЛ и обновливите извори на енергија, електричната енергија ја испорачува кон ЕВН Хоум, кој е универзален снабдувач за домаќинствата и мали потрошувачи, односно над 70.000 мали бизниси како и најголемиот дел од количините за дополнително снабдување по субвенционирана цена за мрежата на ЕВН Електродистрибуција и МЕПСО“, се вели во соопштението.

Количините на електрична енергија, како што велат во претпријатието, ЕСМ Продажба ги набавува преку објава упатена до трговците на електрична енергија кои изразиле заинтересираност за склучување договор со купување/продавање на електрична енергија.

„ЕСМ Продажба и понатаму навремено и транспарентно ќе ја информира јавноста за сите набавки и продажби на електрична енергија“, се додава во соопштението.