Економија Економска стагнација и регрес ако потрае политичката криза

Економска стагнација и регрес ако потрае политичката криза

Бизнисмените бараат решавање на политичката криза и го повикуваат претседателот Ѓорге Иванов на неодложено време да ја повлече одлуката за аболиција и за помилување од кривично гонење.

Тие велат дека не можат да бидат индиферентни и да не реагираат на непромислените политички одлуки со кои се загрозува владењето на правото, при што не може да се зборува за функционирање на државата и за водењето бизнис.

Ова денеска го истакна претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа.

– Нека престанат политичките игри. Не може еден ден дополнителниот заменик-министер да донесе една одлука, а утре министерот да каже друго. Ова однесување на Владата создава тешкотии во функционирање на економскиот систем и на бизнисот. Предолго трае политичката криза која на среден рок ќе предизвика економска стагнација и ќе почне циклус на економски регрес на државата – вели Хоџа.

Во овој момент, тие немаат информациии за реалната штета по бизнисот, но ако кризата потрае, тогаш несомнено дека штетите ќе бидат големи.

– Ако политичката ситуација не се среди, последиците ќе бидат големи по малите и по средните претпријатија кои ќе имаат проблеми во водење на компаниите. Без стабилизација на политичката ситуација, не може да се води економија – додаде Хоџа.

Според него, секое рангирање на државата на која било листа како „Дуинг бизнис“ не е валидно кога сигналите за нефункционирање на државните институции се очигледни.