Економија Економска мисија на ССК во Албанија за подобра соработка меѓу компаниите од...

Економска мисија на ССК во Албанија за подобра соработка меѓу компаниите од двете земји

Бизнис-делегација од Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) заедно со делегација на Комората на Северозападна Македонија учествуваат во тридневна економска мисија во Албанија, чиј фокус е интензивирање на деловната соработка и воспоставување нови бизнис-релации помеѓу компаниите од двете земји.

Целта за организирањето на економската мисија во Албанија е креирање конкретни можности за зголемување на деловната соработка и директно соочување со одредени проблематики што влијаат на условите за водење бизнис помеѓу двете земји.

– Има многу малку информации и анализи достапни за бизнисите на двете страни околу можностите за трговија и за инвестиции во другата земја. Поголем дел од производите и од индустриите во Македонија и во Албанија не се комплементарни, туку меѓусебно конкурентни. Македонските производи не се многу ценовно конкурентни на албанскиот пазар поради високите транспортни трошоци вградени во цената – се вели во соопштението на ССК.

Во рамки на економската мисија се оствариле состаноци со премиерот на Албанија, Еди Рама, како и со повеќе министри.

За последниот дел од економската мисија е предвидено одржување на голем деловен и инвестициски форум.

Македонија и Албанија немаат голем обем на трговска размена.