Свет Европа ЕК нуди финансиска помош за решавање на мигрантската криза

ЕК нуди финансиска помош за решавање на мигрантската криза

Европската комисија им понуди помош на Франција и на Велика Британија за решавање на кризата со мигрантите, кои настојуваат преку тунелот Ла Манш илегално да влезат во Велика Британија.

– Европската комисија ќе го испрати првиот дел од финансиската помош за Франција, 20 милиони евра, додека Велика Британија веќе доби 27 милиони евра помош – изјави синоќа еврокомесарот за миграција и за внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос, по состанокот со министрите на Франција и на Велика Британија, Бернар Казнев и Тереза Меј.

Европската комисија на државите им понуди и техничка помош, вклучувајќи и помош во процесот на барање азил со посредништво на својата агенција Фронтекс, која би можела да помогне во идентификацијата и во регистрацијата на мигрантите.

Франција и Британија минатата недела постигнаа договор за засилување на напорите за обезбедување на пристаништата и на тунелите под Ла Манш во обид да се спречат илегалните мигранти.