Хроника Седум девојки приведени во угостителски објект во Чегране

Седум девојки приведени во угостителски објект во Чегране

Седум девојки, од кои три од Албанија и четири од нашата земја, се откриени при ноќешната полициска контрола спроведена околу половина час по полноќ во угостителскиот објект „Били 97“ во гостиварското село Чегране, сопственост на Б.Н. (34) од истото село, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Трите албански државјанки биле на возраст од 21, 22 и 29 години, додека македонските државјанки биле по една од Гостивар и од Скопје и две од Струга.

– Девојките биле ангажирани како пејачки и танчарки во објектот и бидејќи албанските државјанки го злоупотребиле туристичкиот престој и нелегално работеле, биле приведени во полициската станица Гостивар, при што биле предадени за понатамошна постапка на Отсекот за прекуграничен криминал, странци, миграции и за реадмисија – рече Јосифовски.
Тој информира дека во изминатите десетина денови во Полошко биле спроведени акциски контроли во 11 угостителски објекти, при што биле откриени поголем број странски државјанки, претежно од Албанија, ангажирани нелегално како пејачки и танчарки и оти со ваквите контроли ќе се продолжи и во следниот период.