Хроника Еден загинат и еден повреден во сообраќајка на патот Охрид – Кичево

Еден загинат и еден повреден во сообраќајка на патот Охрид – Кичево

Едно лице го загуби животот во тешка сообраќајна незгода што се случи синоќа на магистралниот пат Охрид – Кичево, во близина на населбата Горица, информираше портпаролот на СВР од Охрид, Стефан Димоски.

Од повредите, на местото на несреќата починал 26-годишен кичевец, додека уште едно лице добило тешки телесни повреди, по што е итно префрлено во Општата болница во Кичево, а потоа испратено во Ургентен центар во Скопје.

Сообраќајната незгода се случила кога сега починатиот, по магистралниот пат во правец Охрид – Кичево, управувал патничко моторно возило „опел вектра“ со кичевски регистарски таблици. Тој почнал да врши престигнување на патничко возило „фолксваген пасат“, по што изгубил контрола, преминал на левата страна од патот и излегол надвор од коловозот.

Во следниот момент, возилото се извртило и со бочниот десен дел удрило во рекламно пано и повторно се извртело. Возачот и сопатникот испаднале од возилото кое потоа со задниот лев дел удрило во патничко возило „поло“, кое било паркирано во кругот на блиската бензинска пумпа.

На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на јавен обвинител и на полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Кичево. По наредба на јавниот обвинител, патничкото возило „опел вектра“ е однесено на понатамошен технички преглед.