Економија ЕБОР: Tемпото на реформи е клучно за приближување кон ЕУ

ЕБОР: Tемпото на реформи е клучно за приближување кон ЕУ

Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја одобри новата Стратегија, за нејзиниот ангажман во земјата во наредниве пет години, до 2024 година, само неколку месеци откако стапи на сила Договорот за решавање на спорот со името и стратешкото партнерство со соседна Грција, информираат од таму.

Како резултат на надежите за забрзување на процесот на приближување кон Европската унија и сè поголемата доверба на инвеститорите, новата Стратегија потенцира дека темпото на идните реформи е клучно.

„Изгледите за забрзување на интеграцијата во евроатлантските институции, особено приближувањето кон ЕУ, продолжуваат да бидат клучен столб за структурни реформи и фактор на стабилизација“, пишува во документот.

Исто така се истакнува дека подобрените врски со Грција и другите соседи „придонесуваат за зголемена доверба на инвеститорите“.

Стратегијата за земјата на ЕБОР го нарекува овој момент „историска крстосница“ и констатира дека „многу нешта ќе зависат од актуелниот опсег и темпо на реформски напори за насочување на земјата кон патот на одржлив и инклузивен раст.”

Стратешките приоритети на ЕБОР за следните пет години се поддршка на конкурентноста преку подобрување на синџирите на вредности, надградба на вештините на работната сила и зајакнување на управувањето, јакнење на регионалната интеграција, „меко“ поврзување и поддршка на приближувањето кон ЕУ, и поддршка на транзицијата кон зелената економија преку поодржливи енергетски комбинации и поголема ефикасност на ресурсите.

Регионалната интеграција ќе биде насока по која ќе се раководат инвестициите на ЕБОР и активностите поврзани со политиките, а посебен акцент ќе биде ставен на испитувањето на синергиите со активностите на банката во соседните економии.

ЕБОР е главен инвеститор во државата и досега има инвестирано приближно 2 милијарди евра во 115 проекти.