Економија ЕБОР одржа работилница за компаниите за стока за широка потрошувачка

ЕБОР одржа работилница за компаниите за стока за широка потрошувачка

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одржа работилница за начините за зголемување на конкурентноста и градењето на извозните капацитети на македонските компании за стока за широка потрошувачка.

Учесниците разговараа за најдобрите меѓународни пракси во индустријата, пазарните трендови и стратегиите за развој на извозот.

– Свесни сме дека компаниите имаат потреба од финансирање на нивните бизниси, но потребно им е практично знаење за подобрување на работењето и растот. ЕУ и ЕБОР креираа посебна програма за користење на финансиските инструменти, основана под Фондот за развој и иновација на претпријатијата. Нашата цел е да ја подобриме подготвеноста за инвестирање на малите бизниси, кои се носител на економијата на Западен Балкан – изјави раководителот на економскиот оддел во Делегацијата на Европска унија во Македонија, Јаромир Левичек.

Малите и средни претпријатија играат важна улога во економијата на Македонија и учествуваат со 21,5 отсто во производството, а заедно со агро-секторот придонесуваат со околу 10 проценти во БДП.

Преку проектот за советодавни услуги на ЕБОР наменет за компаниите во земјата, во рок од една година се зголеми обртот за скоро 50 отсто, а продуктивноста забележа раст од над 50 отсто во над 70 отсто од компаниите, кои ги прошируваа нивните бизниси. Повеќе од половина од нив, бележат значајно креирање на работните места, а над 20 отсто успеваат да обезбедат надворешни фондови за финансирање на нивниот раст.