Македонија Две возила ја предизвикале сообраќајката кај Росоман, во која животот го загубија...

Две возила ја предизвикале сообраќајката кај Росоман, во која животот го загубија две лица

На местото „Камен дол“, најпрво се судриле возило „фиат добло“ со прилепски регистарски таблички и „фолксваген голф“ со штипски регистарски таблички. На истото место, подоцна удрило возило „даеву матиз“ со штипски таблички во комбе „мерцедес“ со скопска регистрација коe претходно излегло од коловозот за да ги избегне двете возила кои учествувале во несреќата

Фото: Image by PublicDomainPictures from Pixabay

Две возила првично ја предизвикале сообраќајната несреќа, која се случи утрово околу 6.30 часот на магистралниот пат Градско-Прилеп кај Росоман и во која животот го загубија две лица, а тројца се тешко повредени. На местото „Камен дол“, најпрво се судриле возило „фиат добло“ со прилепски регистарски таблички и „фолксваген голф“ со штипски регистарски таблички. На истото место, подоцна удрило возило „даеву матиз“ со штипски таблички во комбе „мерцедес“ со скопска регистрација, кое претходно излегло од коловозот за да ги избегне двете возила кои учествувале во несреќата.

Овие информации попладнево ги соопшти Министерството за внатрешни работи, информирајќи дека увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и екипа од полициската станица Кавадарци.

„Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот К.Ѓ. и сопатничката во возилото „голф“, С.С.(55) од Свети Николе, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Кавадарци“, информираат од МВР, додавајќи дека тешко повредените патници се префрлени во скопскиот Клинички центар.

Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) информираа дека дежурен јавен обвинител од кавадаречкото обвинителство извршил увид на местото на тешка сообраќајна несреќа кај Росоман.

„Во насока на утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издаде наредба за фотографирање, скицирање и снимање на местото на несреќата, а нареди и да се изврши технички преглед на сите возила. Наредено е испитување на присуство на алкохол кај учесниците во несреќата“, стои во соопштението од ОЈО.

Две лица загинаа утрово во сообраќајна несреќа кај Росоман