Македонија Двајца загинати и седуммина повредени во сообраќајна несреќа на патот Штип-Кочани

Двајца загинати и седуммина повредени во сообраќајна несреќа на патот Штип-Кочани

Според првичните сознанија, до несреќата дошло при претекнување

Фото: The image was posted by Gerd Altmann on Pixabay

Јавен обвинител од ОЈО Кочани врши увид на лице место на експресниот пат Штип-Кочани, во близина на клучката кај Чешиново, каде што се случи тешкa сообраќајна несреќа во која загинаа две лица, а седуммина се повредени.

„Издадени се повеќе наредби за утврдување на причините за несреќата. На увидот присуствуваше и вешто лице од областа на сообраќајот, а според првичните сознанија до несреќата дошло при претекнување. Издадена е наредба за прибирање траги од лице место, за обдукција на телата на починатите, наредба за испитување на примероци од крв и урина од учесниците во несреќата, а ќе биде наредено и сообраќајно-техничко вештачење“, известува Јавното обвинителство.

Несреќата се случила во 12:26 часот, а во неа учествувале три автомобили –  „Фолксфаген голф“ со кочански регистарски таблици, „Сеат“ со скопски и „Цитроен“ со винички регистарски таблички.

Седумте повредени во тешката сообраќајна несреќа се пренесени во Општата болница во Кочани.

Сообраќајот на експресниот пат Штип-Кочани е во прекин. Полициски службеници го пренасочуваат по стариот регионален пат.