Подглавна секција Двајца браќа брутално претепале возач заради недоразбирање во сообраќајот

Двајца браќа брутално претепале возач заради недоразбирање во сообраќајот

„Тие му нанеле тешки телесни повреди опасни по неговиот живот, па оштетениот во коматозна состојба, несвесен и неконтактибилен бил префрлен на болничко лекување“, наведено е во соопштението од Обвинителството

Фото: Мета.мк

Основното јавно обвинителство – Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајца браќа на возраст од 39 и 42 години, поради основано сомнение за сторено кривично дело – Тешка телесна повреда по член 131 од Кривичниот законик.

Како што информираат во Обвинителството, на 12 август, двајцата осомничени со умисла нанеле тешки телесни повреди врз едно лице и го довеле во опасност неговиот живот.

„Заради недоразбирање во сообраќајот во однос на брзината на движење на автомобилите, осомничените физички се пресметале со оштетениот, удирајќи го со клоци и тупаници. Мајката на оштетениот и еден случаен минувач се обиделе да ги оттргнат и да ги спречат во намерата. Но, тие му нанеле тешки телесни повреди опасни по неговиот живот, па оштетениот во коматозна состојба, несвесен и неконтактибилен бил префрлен на болничко лекување“, наведено е во соопштението од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да го повторат кривичното дело и околности коишто го оправдуваат стравот дека ќе влијаат врз сведоците.