Македонија Два полициски хеликоптера го гаснат пожарот кај Ајватовци

Два полициски хеликоптера го гаснат пожарот кај Ајватовци

Пожарот непрекинато во текот на целата ноќ го гаснеле скопските пожарникари и доброволци од локалното население

фото: Центар за управување со кризи (ЦУК)

Сè уште е активен пожарот кај селото Ајватовци во скопската општина Илинден. Пожарот се разгорел на два крака, при што едниот е ставен под контрола, додека другиот се движи кон манастирот, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од таму велат дека по разгорувањето на двата крака, во гаснењето на пожарот се вклучил и втор хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Пожарот непрекинато во текот на целата ноќ го гаснеле скопските пожарникари и доброволци од локалното население, додека утрово во негово локализирање се вклучил првиот полициски хеликоптер.

„Едниот крак на пожарот е ставен под контрола, вториот крак се движи кон манстирот каде дел од вегетацијата е изгорена од вчера“, појаснуваат од ЦУК, додавајќи оти нема опасност по населени места.