Дописници Дуке Бојаџиев допатува од Њујорк со „Сон, верба, љубов“

Дуке Бојаџиев допатува од Њујорк со „Сон, верба, љубов“

Нашиот, а светски Дуке Бојаџиев, допатува во земјата од Њујорк, донесувајќи ни го фантастичниот проект „Сон, верба, љубов“.

Во него ќе ужива најнапред, македонската публика, за на 8 октомври годинава, со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, да се пресели во престижниот „Карнеги хол“ во Њујорк.

Спектаклот први ќе го видат битолчани, на 7 август во Хераклеа, а потоа и охриѓани, заедно со нивните летни гости и со познавачите на добрата музика што ќе допатуваат специјално од балканските земји, на 9 август, во Антички театар.

Во Охрид, со нагласен интерес се очекува концертот на Бојаџиев, еден од нашите најдобри современи пијанисти и композитори.

Дуке Бојаџиев ќе настапи со неговиот ансамбл од специјални гости: Исмаил Лумановски – кларинет, Тања Царовска – вокал, Мартин Ѓаконовски – контрабас, Мартина Блажеска – вокал, Костас Анастасиадис – перкусии и Владимир Крстев – стринг квартет.

„Сон, верба, љубов“ во себе ја инкорпорира музиката што Дуке Бојаџиев ја создаде за филмовите „До балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“, композиции од неговиот албум „Љубовта е патот“, како и нови, досега неизведени творби.

Вклучувајќи ги и аранжманите и изведбата, проектот може да се опише како вкусен спој на филмска, класична и на изворна музика и во него силно се чувствува поднебјето на авторот, односно духот на македонската традиција.

Покрај македонскиот традиционален звук, музиката на Бојаџиев опфаќа фолклорни елементи и од турската, ромската и од албанската музика, кои авторот ги соединува во една автентична целина со современ пристап, и со тоа влијае на фузирање на културното богатство на сите народности што живеат во Македонија.