Македонија ДУИ: Да се демонстрира одговорност

ДУИ: Да се демонстрира одговорност

Демократската унија за интеграција информира дека со загриженост ги следи актуелностите по повод обвинението за обид за рушење на државниот поредок и шпионажа од страна на четири лица, вклучително и лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

„Демократската унија за интеграција во континуитет ја истакнува ургентната потреба за подигнување на интегритетот и независноста на судството и на обвинителството, како и транспарентното и објективно спроведување на судските процеси, особено на оние со меѓуетнички, меѓуверски и со политички карактер.

Државните институции, вклучувајќи ги судството и обвинителството, треба да пристапат кон овој случај со полна транспарентнoст, интегритет и со почитување на презумпцијата на невиност на обвинетите.

Исто така, сметаме дека овие стандарди треба да се применуваат и во секојдневната работа на државните институции,особено на тие што ги засегаат меѓуетничките односи.

Во оваа исклучително важна година за нашата земја, ДУИ ги повикува сите политички партии и другите општествени чинители, да демонстрираат целосна одговорност кон демократијата, меѓуетничките односи и кон интегративните процеси, а имајќи ја предвид и ранливоста на демократските процеси во земјата, сметаме дека и меѓународната заедница треба да се вклучи, со должно внимание за градење одржливи демократски стандарди во земјата“, се вели во соопштението од ДУИ.