Македонија Дрворедот на улицата „Максим Горки“ обновен со 18 јапонски цреши

Дрворедот на улицата „Максим Горки“ обновен со 18 јапонски цреши

Processed with VSCO with preset

По петочното сечење на исушените дрвја, Градот Скопје денеска засади нов дрворед од 18 висококвалитетни повеќегодишни садници од видот јапонска цреша на улицата „Максим Горки“. Дрвјата се донација од вработените во локалната канцеларија на Европската банка за обнова и развој во земјава, информираат градските власти.

– Во името на Град Скопје сакам да упатам благодарност до вработените во локалната канцеларија на ЕБОР за овој хуман гест кој значи многу за Град Скопје. Интензивно работиме на зголемувањето на зелените површини во Скопје, а оваа есен посебно внимание посветивме на обновување на постојните и формирање на нови дрвореди кои му се потребни на нашиот град – изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Градоначалникот Шилегов и денеска потенцираше дека исечените јапонски цреши од петокот биле заболени и затоа единствена опција било тие да се исечат и да се засадат нови дрвја. Тој потенцираше дека првично бил направен обид да се излечат дрвјата, но тие имале фатено габична инфекција.

– Уште во 2017 е утврдено заболување на овие сензитивни дрвја, не можевме да ги спасиме и, за жал, цел дрворед е отстранет – потенцираше градоначалникот Шилегов.

Град Скопје во рамките на есенската сезона на садење предвидува уредување на повеќе нови зелени површини и обновување на неколку стари зелени површини на различни локации во градот. Во текот на изминатиот период е оформен дрворед пред објектот на Пошта, а се засадуваат и нови садници на плочникот пред ГТЦ.