Дописници Дрвокрадци ја пустошат Шар Планина

Дрвокрадци ја пустошат Шар Планина

Над селото Јелошник на Шар Планина, кое припаѓа под Општина Теарце, извршена е нелегална сеча на голема шумска површина. Жителите од планинските села велат дека од година во година дрвокрадството на Шара зема сè поголем замав.

– Ја пустошат шумата дрвокрадците, ова е многу жално се краде нонстоп. Сè е организирано, имаат дрвокрадците отворено пристапни патишта за да го транспортираат дрвото. Оваа појава мора да се спречи, инаку ќе се уништи целата шума и еко-системот, потоа ќе ни се случуваа ерозии и слични работи – изјави жител од село Јеловјане.

Од Шумската полиција, велат дека појавата на дрвокрадството е голема, но не можат да се справат со неа.

– Ние си ја вршиме работата, фаќаме на дело како се краде шумата, им ги одземаме возилата на дрвокрадците, поднесуваме прекршочни и кривични пријави, но овие случаи заглавуваат во судските институции и не се процесуираат докрај – велат од Шумската полиција.

Оттаму додаваат дека потребна им е поголема екипираност, односно повеќе шумски полицајци и теренски возила за да можат да одговорат на сите повици, поврзани со дрвокрадството на Шар Планина.