Македонија ДОМ предлага нов закон за високо образование

ДОМ предлага нов закон за високо образование

Повлекување на законот за високо образование, формирање министерство за високо образование и наука и подготовка на нов закон донесен по сериозни анализи и дебати низ екстензивна процедура, предлага ДОМ.

Од ДОМ бараат:

„1) Ангажирање странски државјани за ректори, декани и членови на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование (член 2, 3 и 5) – Проблематично е од правен аспект, но и поради воведување други јазици како официјални за комуникација на универзитетите, заедно со влијание на други држави во образовниот процес на највисоко ниво. Ова би било особено сензитивно, па дури и недозволиво на хуманистичките и на општествените науки, особено со државјани од соседни земји.

2) Државен испит по втора и четврта година студии (член 4, 5 и 6) – Сметаме дека вака предложениот државен испит нема да го подобри квалитетот, а ќе ги оптовари студентите и врз нивни плеќи ќе се прекршат сите недостатоци на образовниот процес од основно до високо образование. Згора на ова, можно е да ни се случи несакано пренасочување на наши студенти кон други соседни земји, кои немаат државен испит. Ова би било повторно најсензитивно и историско-политички најштетно кај хуманистичките и кај општествените науки. Затоа предлагаме или целосно бришење на овој испит или, барем, отфрлање на полагањето во втора година, среде колоквиуми и вежби.

Особено важно е да се избрише ставот 14 од членот 4, каде е предвидено снимање на студентите за време на полагањето државен испит, па дури и реално шоу со емитување во живо преку веб-страната на Министерството за образование и наука, што завлегува во приватната сфера на студентите.

3) Изедначување на условите за објавување научни трудови од хуманистичките и од општествените науки со оние од природните науки (член 9, 10, 21, 23, 24 и 25) – Предлагаме да се прошири листата на бази за индексација, како и да се вреднува и авторство на научна публикација издадена од меѓународно реномирана издавачка куќа. Ова е особено значајно за хуманистичките и за општествените науки, кои се во понеповолна положба од природните науки поради неколку причини: помал број списанија со импакт фактор, понизок импакт фактор, помали шанси за објавување на нашите автори поради национални и регионални причини, како и условот за плаќање.“