Македонија Договорот со Бугарија ќе биде потпишан на 1 август во Скопје

Договорот со Бугарија ќе биде потпишан на 1 август во Скопје

Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка на Република Македонија и на Република Бугарија ќе биде потпишан на 1 август во Владата на Република Македонија, зашто на 2 Август ќе има многу чествувања, рече премирот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата на која го презентираше договорот.

Прашан на кои јазици ќе биде потпишан договорот, премиерот рече дека ќе има две идентични верзии, едната на македонски, а другата на бугарски јазик, кои ќе бидат потпишани и од двата премиери.

– Јас сакам да градам партнерство како прв човек на Владата, сакам да градам добрососедство, добра соработка и ќе бидам максимално внимателен и ќе кажам дека договорот ќе биде потпишан на македонски јазик според Уставот на Македонија и на бугарски јазик според уставот на Бугарија, а ќе има две верзии. На верзијата на македонски ќе стои и мојот потпис и потписот на Борисов, и на бугарската верзија ќе бидат и мојот и потписот на Борисов – рече Заев.

Тој порача оти очекува и опозицијата да го поддржи договорот, мислејќи на неговата ратификација во Собранието.

– Овој договор ги прави малку повеќе задоволни и двете страни. Јас сум свесен дека и во Комисијата за надворешни работи на Собранието и во раководството на ВМРО-ДПМНЕ и во пратеничката група има искусни луѓе кои потрошиле време и се апсолутно свесни за вредноста. Конечно, еднаш заедно да застанеме зад нешто што е добро за Македонија и за сите граѓани – рече Заев.