Подглавна секција Џулијан Асанж ја напушти Велика Британија откако постигна договор со американското Министерство...

Џулијан Асанж ја напушти Велика Британија откако постигна договор со американското Министерство за правда

„Викиликс“ на социјалните мрежи објави видео од неговиот основач, како синоќа се качува на лет на лондонскиот аеродром Станстед, а австралискиот премиер Ентони Албанезе потврди дека Асанж го напуштил Обединетото кралство

Фото: Wikimedia commons/Snapperjack

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, е ослободен од британски затвор и се очекува да се изјасни за виновен за кршење на американскиот закон за шпионажа, што ќе му овозможи да се врати дома во родната Австралија, пренесува „Гардијан“.

Асанж (52) се согласи да се изјасни за виновен по кривичнотo обвинение за откривање доверливи документи за национална одбрана на САД.

„Викиликс“ на социјалните мрежи објави видео од неговиот основач, како синоќа се качува на лет на лондонскиот аеродром Станстед, а австралискиот премиер Ентони Албанезе потврди дека Асанж го напуштил Обединетото кралство. Авионот слетал во Бангкок за полнење гориво, соопштија официјални лица на тајландскиот аеродром.
Асанж, наводно, патува на сослушување на островот Саипан на северните Маријански острови. Според Албанезе, тој е придружуван од високиот комесар на Австралија во Обединетото кралство, Стивен Смит.

„Без оглед на ставовите што луѓето ги имаат за Џулијан Асанж и неговите активности, случајот се одолговлекува предолго, нема што да се добие од неговото продолжување во затвор и сакаме тој да се врати дома во Австралија“, изјави денеска Албанезе.