Македонија Џамиите денеска ги отворија вратите за верниците

Џамиите денеска ги отворија вратите за верниците

Исламската верска заедница, ИВЗ, од денеска реши да ги отвори џамиите за верниците, и покрај досегашните апели на надлежните за преиспитување на оваа одлука, поради пандемијата на корона вирусот.

ИВЗ отворањето на џамиите на 12 мај, го најави минатата недела на вонреден состанок, кој се одржа по масовната литија во Струга, за празникот Св. Ѓорѓија. Од таму информираа дека одлуката ја донеле врз основа на фактот што во земјава се намалил бројот на заразени и најавија дека при посетата на џамиите ќе се почитуваат мерките за физичка дистанца, молитвите ќе се вршат на одредени места, ќе се носат маски, а верниците ќе можат да се молат и во дворот на џамиите.

Од ИВЗ се повикаа на сличните одлуки на верските власти за отворањето на џамиите во Косово, Србија и во некои европски земји.

Одлуката е донесена и покрај апелите на надлежните за нејзино преиспитување поради пандемијата на корона вирусот. Вицепремиерот Бујар Османи вчера порача до верниците да не одат во џамија додека целосно не се смири состојбата со пандемијата, а министерот за здравство, Венко Филипче, ја потсети ИВЗ дека забраната за собирање граѓани е се уште во сила и дека секое прекршување на ова правило ризикува враќање на пандемијата.

Инаку, џамиите беа затворени на 17 март, по воведувањето на владините мерки за спречување на ширење на Ковид-19.