Главна секција Џафери: Европската идеја од пред 120 години е на дофат, време е...

Џафери: Европската идеја од пред 120 години е на дофат, време е за разум и одговорност

Талат Џафери порача дека и денес, ако ги анализираме големите одлуки од минатото, имало луѓе кои мислеле дека се погрешни, но се испоставило спротивното, почнувајќи од референдумот за независност до членството во НАТО

Извор на фотографија: Фејсбук-профил на претседателот на Собранието, Талат Џафери

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во своето денешно обраќање од Мечкин Камен во Крушево по повод одбележувањето на Денот на републиката – 2 Август порача дека европската идеја од пред 120 години од Крушевскиот манифест за слобода, обединување и просперитет веќе е на дофат. Граѓаните и политичките фактори во земјава се пред уште една голема и одлучувачка одлука за тоа дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, изјави Џафери.

„Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, нешто за што сме се определиле како држава уште од осамостојувањето во 1991 година или ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој нѐ не води никаде, е избор што треба да се донесе со надминување на хировите, согледување на реалноста и излегување од тесните и себични партиски интереси кои ветуваат некаква друга иднина која и за најголемите оптимисти е нереална фатаморгана“, изјави собранискиот спикер.

Талат Џафери порача дека и денес, ако ги анализираме големите одлуки од минатото, имало луѓе кои мислеле дека се погрешни, но се испоставило спротивното, почнувајќи од референдумот за независност до членството во НАТО.

Инаку, собранискиот спикер денеска присуствуваше во Крушево на одбележувањето на Денот на републиката – 2 Август, при што положи цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република, на гробот на Никола Карев – Македониум, на Споменикот на хероите на месноста „Слива“, а учествуваше и на панихидата во храмот „Свети Никола“ во Крушево.