Македонија „Диво Насеље“: На распит обвинет полицаец

„Диво Насеље“: На распит обвинет полицаец

На денешното рочиште од судскиот процес за настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и од 10 мај минатата година, до овој момент искази дадоа четворица од вкупно седум сведоци на обвинителството.

Меѓу нив беше и полицаецот Зоран Станојковски, тогаш командир на полициската станица за граничен надзор Пелинце и претпоставен на полицаецот Арсим Бајрами, обвинет во случајот.

Станојковски пред судот објасни што се случувало утрото на 9 мај, кога тој како командир добил наредба од директорот на Бирото за јавна безбедност, заедно со сите другии командири од регионалниот центар Север, да се јави на должност и да ги повика сите полицајци од станицата.

– Од претпоставените во РЦ Север ми беше наредено да го повикам и Арсим Бајрами иако знаеја дека е на боледување. Јас му се јавив и му објаснив дека мора да дојде. Околу 12.30 часот бевме во просториите на СВР Куманово и таму пристигна Бајрами. На состанокот присуствуваа началникот и главниот инспектор на РЦ Север и командирите со своите заменици и раководители на смена во Сопот и во Белановце. По 10 минути од состанокот во просторијата влезе едно лице, најверојатно од специјалните единици, кој праша кој е Бајрами и го изнесе надвор – рече Станојковски.

По Станојковски требаше да сведочи уште еде полицаец, но поради можност во текот на исказот да открие државна или воена тајна, тој беше повлечен.

На рочиштето сведочеа и двајца жители на Диво Насеље кои не кажаа конкретно дали деновите пред 9 и 10 мај забележале нешто сомнително во населбата и го опишуваа тоа што лично го доживеале наредните денови.