Дописници Дивата депонија ги труе тетовци

Дивата депонија ги труе тетовци

Проблемот со дивата депонија во Тетово се усложнува наместо да се реши. Еколошкиот срам, како што ја нарекуваат тетовци депонијата лоцирана на влезот од градот, се шири кон железничката пруга. Граѓаните што живеат во непосредна близина, велат дека ситуацијата е алармантна.

„Често се разболуваме од штетните материи што оваа депонија ги испушта во воздухот. Тука местото е фреквентно, а поминуваат и деца покрај депонијата. Конечно, Општина Тетово треба да го реши овој проблем“, изјави жител од населбата Далјан, чиј дом се наоѓа на околу 20 метри од дивата депонија.

Здравствените работници предупредуваат дека депонијата во зимскиот период ќе го загади и воздухот.

„Апелирам местото каде се претовара сметот, кое прерасна во дива депонија, да се исчисти, а депонијата да се дислоцира затоа што ќе ја зголеми бројката на штетни честички во воздухот во Тетово, која и онака се енормно висока“, изјави д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Градските власти, освен ветувањата дека ќе ја дислоцираат претоварната станица на друго место, немаат преземено конкретни чекори за решавање на овој проблем.