Култура „Дискурси на визуелното“ од Иван Џепароски во Матица македонска

„Дискурси на визуелното“ од Иван Џепароски во Матица македонска

„Дискурси на визуелното“ од проф. д-р Иван Џепароски

Монографијата „Дискурси на визуелното“ на нашиот еминентен филозоф и естетичар, проф. д-р Иван Џепароски, раководител на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје, која деновиве ја објави „Матица македонска“, е прва македонска книга во целина посветена на прашањата на визуелното и на визуелните уметности од гледна точка на филозофијата и на естетиката.

Со повеќе од 110 црно-бели репродукции и преку 60 колор репредукции во оваа книга, во првиот нејзин носечки дел, се анализираат теориските прашањата поврзани со односите помеѓу убавината и визуелната убавина, уметноста и визуелните уметности, но и со прашањата за калокагатија (добрината и убавината), естетското задоволство и естетското искуство, како и прашањата поврзани за вкусот и за визуелното.

Во вториот дел од книгата, практично се спроведуваат неколку херменевтичко-иконолошки анализи на клучни дела од областа на европската ликовна историја (Питер Бројгел Постариот, Винсент ван Гог, Марк Шагал), а третото поглавје, исто така, е посветено на соодветни анализи во контекст на македонската ликовна сцена (Томо Владимирски, Свето Манев, Газанфер Бајрам, Рубенс Корубин и Мирчо Матевски-Рисимкин).

Иако живееме во доба на доминација на визуелната уметност и на визуелната култура, чиишто сведоци на светско-историски план сме сите ние, т.н. „сликовен пресврт“ (pictorial turn) со оваа книга добива своја и теориска и практична обработка. Книгата е напишана со голема ерудиција и со познавање на проблематиката, но и покрај тоа не е книга само за упатените, туку и за сите оние љубители на уметноста за кои уметноста и визуелните уметности се не само инспирација, туку и тајна која бара да биде постојано преоткривана.