Хроника Директор на Институтот за медицина на трудот, осомничен за проневера на 145.000...

Директор на Институтот за медицина на трудот, осомничен за проневера на 145.000 евра

Управата за финансиска полиција поднела кривични пријави против тројца вработени во Институтот за медицина на трудот, меѓу нив и директорот на Институтот, осомничени дека проневериле поголеми износи пари од дневниот промет, пренесува „Нетпрес“.

Финансиската полиција, по извршениот увид во благајничкото работење и во сметководствената евиденција на Инситутот, утврдила дека прометот извршен преку фискалниот апарт редовно бил предаван во сметководството, но така внесените пари, второосомничената Г.И. (49), вработена како шеф на сметководството, не ги евидентирала во целост како примени парични средства во благајната.

По спроведената истрага, финансиската полиција утврдила дека Д.Б. (40), директор на Институтот, лично или преку неговиот возач, ги присвојувал наплатените парични средства од пациентите, кои уредно биле доставувани на благајната за која биле одговорни Г.И. и третопријавената В.М. (58).

Осомничениот директор при подигнувањето на парите не потпишувал никаков документ, под изговор дека парите ќе ги врати за кратко време.

Осомничените Г.И. и В.М. наместо да го пријават директорот, три години присвоените суми ги запишувале на обична хартија, поштенски коверти и на друг вид хартија.

Финансиската полиција во текот на денот ги привеле второ и третоосомничената, додека првоосомничениот, директор на Институот, е во бегство.