Економија Директни летови од Охрид до Цирих ќе се воведат од 17 декември

Директни летови од Охрид до Цирих ќе се воведат од 17 декември

Швајцарската авиокомпанијата „Германија флуг АГ“ ќе воведе директни редовни летови од Охрид до Цирих од 17 декември.

Тие се реализираат во соработка со тур-операторот „Ер Приштина“ и билети веќе можат да се резервираат на интернет-страницата www.airprishtina.com.

Според договореното меѓу „ТАВ Аеродроми“ и „Германија флуг АГ“, авиокомпанијата ќе оперира еднаш неделно во зимскиот ред на летање, а бројот на летови ќе се зголеми на двапати во неделата во текот на летото следната година.

– Очекуваме оваа рута да служи како добра врска помеѓу Македонија и Швајцарија, но и да функционира како линк меѓу Германија, особено нејзиниот јужен дел – истакна Серкан Карахатај, маркетинг-координатор во „ТАВ Аеродроми“.

Во првите 10 месеци од 2016 година, во споредба со истиот период лани, бројот на патници на двата аеродрома, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, е зголемен за 16 отсто и е достигнат вкупен број од 1.534.591 патници.

Во истата временска рамка, од јануари до октомври годинава, бројот на полетувања и на слетувања е зголемен за 11 проценти, односно реализирани се вкупно 14.406 летови.