Македонија Димовски: ВМРО-ДПМНЕ нема да ги прифати предлозите што потекнуваат од СЈО

Димовски: ВМРО-ДПМНЕ нема да ги прифати предлозите што потекнуваат од СЈО

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија нема да прифатат разгледување на какво било барање и предлог што потекнуваат од Специјалното јавно обвинителство, а е надвор од законот за СЈО договорен од четирите партии согласно Договорот од Пржино, се вели во реакцијата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Петре Шилегов.

– Никакво ново договарање или проширување на веќе постигнатата согласност не може да биде прифатено за разгледување од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија. СДСМ е портпарол на СЈО, а СЈО е портпарол на СДСМ. Помеѓу тие два субјекта нема никаква разлика. СЈО е дел од СДСМ – вели Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги повторија барањата до Катица Јанева јавно да се извини на граѓаните, пратениците и на Собранието на Република Македонија како највисок законодавен дом за упатените навреди и за оспорувањето на легитимитетот и за нестручното, непрофесионално, неодговорно, дрско и арогантно однесување во Собранието.