Македонија Димитриев: Одржувањето избори на 5 јуни е неопходно

Димитриев: Одржувањето избори на 5 јуни е неопходно

„Одржувањето избори на 5 јуни е неопходно. Нивното одложување, за кое прашање е дали е правно можно, и продолжувањето на времетраењето на техничката влада има реперкусии врз секојдневното функционирање на институциите“, изјави претседателот на Владата за спроведување на изборите, Емил Димитриев, при посетата на касарната „Илинден“ во Скопје.

– Го објаснив ова прашање и повторно ќе го афирмирам мојот став и ставот на Владата дека избори на 5 јуни се неопходни. Прво, не сум сигурен од правен аспект дали е воопшто можно поместување на датумот. Понатаму, од практичен аспект, сакам да кажам дека одложувањето на изборите и продолжувањето на времетраењето на техничката влада има реперкусии врз секојдневното функционирање на институциите – изјави Димитриев.

Тој истакна дека веќе се чувствува одредена колебливост кај министрите дали може во овој период да се носат одредени одлуки.

– Згора на тоа, во период кога се распишани изборите имаме и одредени ограничувања и од Комисијата за спречување на корупцијата, така што во функција на изборите, во функција на просперитетот на Република Македонија и на секој еден граѓанин на нашата држава е одржување на изборите на 5 јуни, формирање стабилна влада и понатаму преземање на сите обврски што една влада треба да ги има пред себе – истакна Димитриев.