Македонија Димитриев од Мечкин камен: Единствен излез од политичката криза се изборите

Димитриев од Мечкин камен: Единствен излез од политичката криза се изборите

Премиерот Емил Димитриев во своето обраќање на централното чествување на 2 Август – Илинден на Мечкин камен во Крушево порача дека денешниот голем празник нè потсетува на минатото, но и нè поттикнува да размислуваме за иднината на нашата држава. Тој повика на единство на сите расположливи капацитети во државата во процесите за развој и за просперитет на татковината.

– Повикувам на конструктивност на секој фактор и ја осудувам деструктивноста која некој сака да ја наметне како систем на дејствување. Ние сите треба да градиме, да создаваме дела и вредности, а поривот за уривање и за критика на сè, треба да биде потонат и енергијата да ја фокусираме на спроведување реални проекти што го подобруваат секојдневието на граѓаните – истакна Димитриев.

Тој рече дека политичката криза создава несигурност кај граѓаните, која се рефлектира како на секојдневното живеење така и во стопанството. Премиерот порача дека треба да се покаже добра волја и свесност за излез од политичката криза и да се насочи вниманието на решавање на проблемите на граѓаните, но и евроатлантската интеграција.

Според Димитриев, единствен излез од кризата се изборите и, како што додаде, владата ќе направи сè што е во нејзина моќ за тие да бидат фер и демократски, за целокупниот изборен процес да се одвива според сите меѓународни стандарди, а изборната кампања да помине во одлична демократска атмосфера.

По решавањето на кризата и по изборите, Димитриев нагласи дека државата треба да влезе во помирни води и да почне да обезбедува нов циклус на реформи, проекти, на задоволување на потребите на секој еден граѓанин.

– Македонија заслужува развој и просперитет. Ваквите заложби мораат да бидат исполнети, а за тоа сме одговорни пред историјата, пред нас самите, но и пред следните генерации на кои ја оставаме Република Македонија – рече Димитриев.