Македонија Димитриев до Рама: Многу некоректно потпалувате националистички оган

Димитриев до Рама: Многу некоректно потпалувате националистички оган

Постојаното мешање во внатрешните работи на Република Македонија прави голема штета на добрососедските односи и е спротивно на европските вредности, се вели во обраќањето на „Фејсбук“ на техничкиот премиер Емил Димитриев кон албанскиот премиер Еди Рама.

„Мешањето не ѝ помага на Албанија, чии граѓани очекуваат од Вас да се зафатите со слабостите во владеењето и со економијата, ниту на Македонија, чии граѓани сакаат суверена и независна земја во сегашните граници. Тие граѓани ја плаќаат цената за Вашите наводни амбиции да ја редефинирате Македонија, наместо да ја реформирате Албанија во постојните граници. Не помага ни на партиите во Македонија кон кои се однесувате покровителски и несоодветно потценувачки. Убеден сум дека и без Вашето мешање ќе најдеме решенија за нашите предизвици. Конечно, многу е некоректно да потпалувате националистички оган“, вели Димитриев.

Техничкиот премер, назначен според Договорот од Пржино, вели дека албанскиот јазик е нашироко застапен во Македонија и дека државата ангажира големи ресурси за промоција на јазикот и на културата на заедниците.

Димитриев додава дека македонските граѓани, без разлика на нивната етничка и верска припадност, сами пребродиле многу кризи во историјата и дека ќе ја надминат и оваа.