Македонија Димитриев: Да се обезбедат слободата и правото на глас на сите граѓани

Димитриев: Да се обезбедат слободата и правото на глас на сите граѓани

Техничкиот премиер за спроведување на изборите во писмена изјава до сите носители на државни и на јавни функции повика да се обезбедат слободата и правото на глас на сите граѓани, информираа од Владата.

Во насоките до членовите на Владата и до другите државни и јавни функционери, Димитриев истакнува дека во согласност со член 22 од Уставот на Република Македонија, секој полнолетен граѓанин има избирачко право кое е еднакво, општо и непосредно, кое се остварува на слободни избори со тајно гласање, додавајќи дека секој граѓанин има право сам да одлучи за кого ќе го даде својот глас на изборите.

„Сите граѓани самостојно и слободно треба да ја изразат својата волја и никакви надворешни влијанија или вршeњe притисок врз нивната одлука нема да бидат толерирани. Затоа ве повикувам да бидете внимателни и да не дозволите вашите активности или работа на ниеден начин да не бидат сфатени или разбрани како потенцијален притисок или заплашување на гласачите. Република Македонија има традиција да спроведе добро организирани слободни и фер избори, што е признато и од сите релевантни меѓународни институции. Треба да продолжиме по овој пат и уште повеќе да го унапредуваме изборниот процес. Верувам во вас и ве повикувам да ја следите оваа насока“, стои во писмената изјава на Димитриев, која е испратена до сите носители на државни и на јавни функции.

Премиерот за спроведување на изборите во писмото вели дека правото на глас на граѓаните е загарантирано со Уставот и со законите на Република Македонија и дека никој не смее да го повика избирачот на одговорност заради гласањето.

Тој додава дека за промовирање и за примена на демократските начела, Владата и сите нејзини институции ќе дејствуваат одлучно и непоколебливо.

Изјавата на Димитриев доаѓа откако ЕУ, САД и ОБСЕ издадоа соопштение во кое се повикуваат Собранието, Владата и политичките лидери да носат одлуки што ќе ја вратат земјата на европскиот пат и да се воздржат од заплашување на јавните функционери, чија задача е создавањето услови за веродостојни избори.